На регионалната депонија Русино кај Гостивар денес е монтиран соларен панел за производство
на електрична енергија. За најавата на овој зафат Gostivarpress.mk информираше пред извесно
време, а попладнево од Јавното претпријатите „Русино-Полог“ кое менаџира со депонијата,
информираа дека е реализиран.
„Уште една успешна инвестиција благодарение на швајцарската помош! Депонија Русино од денес
има сопствен сончев систем за производство на електрична енергија за сопствените потреби!“,
соопштија од ЈП.
Русино до сега струја обезбедуваше од агрегати, па сега се очекува трошоците за електрична
енергија да бидат значително намалени. Сончевиот систем е донација од Швајцарскиот
секретаријат за економски прашања. Истата донација опфаќа и поставување канализација, тоалети
и обезбедување цистерни за вода кои ќе овозможат да има и техничка вода и вода за пиење за
потребите на депонијата и за вработените.